Како правилно да се чува лебот?

Јас израснав во фамилија каде што фрлањето на храна е крајна опција за решавање на вишокот храна, во превод мора да биде расипана, мувлосана, скисната итн. Па следствено на тоа секоја намирница, оброк добива втора шанса да биде консумирана.

 

Во овој текст ќе се задржам на тоа како најдобро да  се искористи и складира преостанатиот леб и други пекарски производи со цел да не бидат фрлени.

Лебот е создаден да биде споделен со некого. Секогаш кога знаеш дека ќе ти остане лепче сподели го со пријателите, соседите или колегите од работа. Но, ако тоа не е опција секогаш има начини како правилно да го складираш за наредна употреба или пак да се подготват вкусни оброци. Секогаш мора да знаеме како да го цениме и искористиме лебот во различна фаза од неговото стареење. 

Кога бевме помали, многу често во недела јадевме потпечено пица лепче или, како што ние ги викаме, пржени рибанки / лепчиња, со цел лепчето да биде изедено. Покрај тоа, на денешно време има многу рецепти со кои може да се експериментира за да се искористи и последното залче леб. Делот за рецепти што се наоѓа на нашиов веб-сајт е инспириран токму од тоа и навистина се надевам дека ќе му послужи на секого.

Лебот е производ на ферментација, па поради тоа продолжува да реагира со средината во која се наоѓа. Лебот старее на еден од двата начина или со сушење или се расипува под дејство на влага. Температурата и влагата се променливи кои мора да се земат во предвид кога се складира лебот. Односно, високата и ниската температура придонесуваат лебот да се исуши. Најоптимална температура за чување е собна од 15-25°С. Мала влажност на воздухот може да го спречи брзото сушење, но поголема влажност ќе предизвика брзо развивање на мувла. Хартиените пакувања во кои се продава нашиот леб се идеални за чување на лебот, исто така и ленени или памучни крпи ќе ја завршат истата работа. Во сува средина, лебот најдобро се чува во хартиеното пакување, па ставен во пластично кесе, за да не избега влажноста, но потребно барем еднаш дневно да се отвора кесето, со цел да има размена на воздухот.

 

Кога одев на факултет, често знаев да земам од нашиот ‘ржан леб со 70% ‘ржано брашно и да го замрзнам, па така ќе имам за подолг временски период. Ова е многу практично и најдобро е пред замрзнување лебот да се исече на парчиња и меѓу нив да се стави хартија за печење или евентуално секое парче посебно да се замрзне. Многу e важно кога лепчето се става во кесето за замрзнување или во сад, да бидат добро затворени за да не влегува воздух, вака замрзнато лепчето може да се чува и до 3 месеци.

 

Вака замрзнати парчиња леб се идеали за брз појадок, само извади ги од замрзнувачот и одмрзни ги со тостер, микробранова не е многу паметна опција бидејќи постои можност да остане лепчето замрзнато на средина. 

Нема Коментари

Напиши Коментар